| ПЕДЕСЕТНИЦА |
| Saturday, 14 June 2008 | |||||||
|
Новозаветната книга Дела апостолски, во која е опишана историјата на првите христијани и најраното ширење на христијанството, всушност започнува со опис на она што се случило педесет денови после Воскресението Христово, односно десет дена после Неговото славно Вознесение на Небесата. Делата апостолски започнуваат со зборовите кои Христос им ги рекол на Своите ученици пред Своето Вознесение: “Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот, за кое сте слушнале од Мене...“ После десет дена - според зборовите на евангелистот Лука -“сите апостоли беа заедно и еднодушни. И ненадејно се слушна шум од небото како да идеше силен ветер, и го исполни целиот дом каде што седеа. И им се покажаа разделени јазици, како огнени, и слезе по еден над секој од нив. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот да изговараат...“ (Дела 2, 1-4). На оние кои ова го видоа и не разбраа, св. Апостол Петар им ја објаснува смислата на настанот кој се случил, со зборовите на пророкот Јоил: “И ете во последните дни, рече Господ, ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши...“. Светиот апостол Петар ја симнува завесата од скриеното значење на Светото Писмо и го открива планот замислен во мистичното битие на Света Троица. Кога Синот го завршува Своето дело, Отецот Го вознесува и го овозможува слегувањето на Светиот Дух. Преку св.Петар, Црквата на Новиот Завет доаѓа до првото сознание за тајната на Света Троица, сега потполно откриена, за да може да постане Црква на избраните“ по провидението на Бога Отецот, преку осветувањето од Духот за послушност и поросување со крвта на Исуса Христа“(1.Птр. 1,2). Благовеста на Петар допира до срцата на многубројните луѓе што го слушаа и тие го примија покајанието заради името на Исуса Христа. На тој ден се крстија и присоединија кон Црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденеден на црквата Божја. Празникот Педесетница е единствен во историјата со толку голем број на очевидци и сведоци на воплотувањето и прославувањето на Синот; сведоци на слегувањето на Светиот Дух на ден Духови; сведоци за откривањето на Отецот во Синот, преку Духот; сведоци на Света Троица. Со Педесетница, во светот на историјата, започна големиот и славен ден Господов!
3.20 Copyright (C) 2007 Alain Georgette / Copyright (C) 2006 Frantisek Hliva. All rights reserved." |
|||||||