|
Господи и Владико на мојот живот, не давај ми дух на мрзливост, безволност, властољубие и празнословие. Даруј ми, пак, на на Твој слуга, Дух на целомудреност, смиреност, трпение и љубов. Еј, Господи, Цару, дај ми да ги согледам сите мои прегрешенија и да не го осудувам мојот брат, зашто Си благословен во вечни векови. Амин. Во време на Великопосните свети богослужби постојано се кажува оваа молитва. Таа е напишана од познатиот црковен учител св. Ефрем Сирин (306 – 373) и затоа се вика – молитва на св. Ефрем Сирин. Но покрај тоа, според содржината, а и важноста, таа уште е позната и како великопосна молитва. Така се нарекува не само заради тоа што се чита само во време на Големиот велигденски пост туку и затоа што, среде читањето на другите молитви во богослужението, во време на подвизите на Постот, таа ги поттикнува верните на ослободување од основните гревови. Бидејќи е од покаен карактер Светата Црква определила да се чита на богослужбите во деновите само од понеделник до петок. При читањето после секоја прозба се прават големи поклони, а после секое читање на молитвата се изговара: “Господи, помилуј“ и “Боже, очисти ме мене грешниот“. Зошто оваа кратка молитва завзема толку важно место во великопосното богослужение? Затоа што во неа се изложени гревовите со кои ние луѓето секојдневно се соочуваме, а освен тоа бара од нас посебен подвиг, преку покајание, и ослободување од истите и надградување во духовниот живот. Не е доволно христијанинот за време на Постот само телесно да се подвизува, туку и духовно. Смислата на постот не се состои само во “измачувањето“ на телото, ослободување од телесните страсти и лошите навики, туку ослободување и од душевните слабостите и усмерување на нашиот живот кон патот Господов. Да почнеме по ред. Најпрво што бараме од Бога е ослободување од мрзеливоста. Тоа е опасен порок и грев со кој се соочуваме скоро сите луѓе. Покрај мрзеливоста тука уште се подразбира и неработливоста, пасивноста и небрежноста. Тоа се слабости кои го умртвуваат целото наше битие. Тие постојано нe’ убедуваат на невозможност и губење желба и волја за промена на нештата. Од мрзеливоста произлегува цинизамот кој, пак, е длабоко вкоренет во душата на човекот и на секој духовен повик одговара: “Зошто“? Поради таквата состојба често пати ги отфрламе духовните сили дадени од Бога. Затоа св. Ефрем Сирин најпрво ја поставил мрзеливоста како основна пречка во животот, телесниот и духовниот, и бара ослободување од неа. Оти таа не само што го кочи течението на нештата во нашиот секојдневен живот, туку го стопира и нашето духовно усовршување. Безволноста или очајанието е слабост која во секој духовен почеток гледа непријател. Човекот обземен од очајанието не гледа ништо добро и позитивно, туку кај него сe’ се сведува на одрекување и песимизам чие дно е депресијата. Тоа е дело на најголемиот лажливец – ѓаволот. Тој го лаже човекот за Бога, за светот и е татко на секое одрекување. Очајанието е самоубиство за душата. Таквиот човек е неспособен да го согледа светот и да се радува на неговите убавини, туку едноставно губи желба не само за духовно усовршување, туку и за живеење воопшто. Властољубието, произлегува од преголемата желбата за власт. Луѓето исполнети со желбата за власт немаат правилен одност кон другите. Нивната цел е – дограбување до власта, да се биде некој и нешто во ошпштеството, не бирајќи средства и начин како да се дојде до саканата цел. Па, зарем душата не ни е дадена од Бога? Зошто сега одеднаш станува егоцентрична, а тоа значи сите други луѓе, па и суштества, треба да им угодуваат и да работат за исполнување на нивните желби!? Не е ли Господ Бог Владика на мојот, нашиот, живот? Нели треба Нему да Му угодуваме и да Му се поклонуваме!? Властољубието, кое често пати е исполнето со возгордеаност и желба за придобивање и потчинување на другите, коренито го менува односот на душата за што е таа првобитно создадена. Тоа предизвикува рамнодушност, презир, отсутност на внимание, понижување, неуважување, а често пати и малтретирање на ближниот. Нејзин плод е – немилосрдието кое, пак, само по себе е тежок грев и недостаток. Празнословие! Од сите живи созданија на земјата само човекот има дар на зборување. Светите оци во тоа гледаат “печат“ на Божјиот образ во човекот бидејќи Самиот Бог се јавува како Слово (Јован 1, 1). Но, говорот, покрај таквата возвишеност истовремено е и најголемата опасност за човекот. Зошто? Затоа што често пати способноста за говор наместо да го води кон усовршување и уподобување кон Бога таа го води кон грев, самоуништување и пропаст. Точно е дека зборот спасува, но исто така и убива; зборот воздигнува, но и понижува. Правдата во светот се искажува преку зборот но и лагата се изложува преку зборот. Затоа кога зборот ќе се одврати од својата божествена намена тој станува празен, без содржина и бессмислен. Таквиот збор го поткрепува духот на мрзливоста, безволноста и властољубието и се соединува со ѓаволот и пеколот. Од празнословието произлегува и озборувањето, клеветењаето на ближниот и лажното сведочење. Бидејќи празнословието ги нарушува меѓучовечките односи, како и нашиот однос со Бога, затоа со деветтата Божја заповед: “Не сведочи лажно против својот ближен“, тоа е строго забрабнето. Ете затоа Светата Црква преку оваа молитва, во време на Велигденскиот пост, бара ослободување на човекот најпрво од овие основни и најопасни гревови. Ослободувањето од нив води кон совршенство, а неослободувањето или привзаноста кон нив – води кон вечна пропаст. Средство и начин на ослободување од нив е молитвата и покајанието. Преку молитва покајание, во следните две прозби, бараме Господ да го зацврсти нашиот духовен подвиг со следните четири добродетели и тоа: Најпрво бараме Господ да ни дарува дух на Целомудреност. Целомудреноста е одлика на духовната срелост. Оти желбата за духовно усовршување најпрво произлегува од здравите мисли на човекот. И денес луѓето имаат различни погледи кон светот и животот. Некои велат дека светот постанал самиот од себе и дека човекот, со сето свое совршенство, е дело на природата. Некои народи веруваат во разни божества, а други, пак, имаат искривени учења и за верата во Едниот Бог. Но, како и да е, Светата Црква учи дека целиот свет, вселената и сето во неа, е дело на Божјата промисла. Освен ова различни се сваќањата кај луѓето и за смислата на животот на земјата. Всушност, тоа е во тесна врска со погледот на луѓето кон светот. За некои живеењето на земјата е исклучиво заради личните, телесни задоволства, други смислата на животот ја гледаат во богатството, некои во власта, а има и такви кои мислат дека животот завршува со телесната смрт . За нас христијаните животот без Бога е бессмислен. Тој е дар Божји. После телесната смрт, односно после Судот Божји, настапува вечниот живот. Каков ќе ни биде животот после смртта зависи од животот што го живееме овде на земјата, односно дали сме се определиле кон лошото или кон доброто. Праведните ќе бидат вечно наградени – РАЈ, а додека, пак, грешниците ќе одат во вечна осуда – пекол. Првиот плод на целомудреноста е – смирението. Тоа е победа на правдата во самите нас и отфрлање на секоја лага. Смирените луѓе живеат праведно, ги гледаат и примаат нештата онакви какви што се и во сите нив го гледаат Божјото величие кое е доброта и љубов кон секого. Тоа се луѓето кои ја сознаваат својата грешност и плачат за своите гревови. Смирението ги прави да бидат кротки и милостиви. Смирениот човек е рамнодушен кон сите појави и случувања сакајќи го единствено своето духовно усовршување. Бог на смирените им дава благодат да се противат на горделивоста. Плод на целомудрието и смирението е – трпението. “Паѓајќи“ со својата човечка природа човекот постана нестрплив до толкава мера што неможе да се препознае себе си и за сe’ ги осудува другите. Духовно паднатиот човек не суди според Божјата правда, туку според човечката неправда, според свое наоѓање и свое мислење без да праша дали тоа е правилно или не, дали треба да се направи или не треба да се прави. Трпението е Божја добродетел. Господ е трпелив не поради Неговата снисходливост кон луѓето, туку поради Неговата длабочина и далекувидност која ние луѓето со нашиот ум не можеме да ја видиме. Колку повеќе се доближуваме до Бога, толку повеќе стануваме потрпеливи. Најпосле, плод на секоја добродетел и на секој наш духовен подвиг е – љубовта. Таа љубов може да ни ја даде само Бог. Тоа е дар кој се дава само на духовно подготвените. Затоа целта на секој христијанин треба да биде придобивање на Божјата љубов, особено сега во време на Великиот пост. Сето ова преходно реченото е сведено во последната прозба од молитвата во која ние бараме и просиме Господ да ни даде способност и сила да ги согледаме нашите прегрешенија и да не го осудуваме нашиот брат. Дали ќе успееме да ја достигнеме оваа духовна состојба или не, зависи од нас самите. Тоа е наша секојдневна задача и обврска и цел во животот. Во заповедите на Блаженствата Господ Исус Христос оваа состојба ја става на прво место кога вели: “Блажени се бедните по дух, зашто нивно е Царството небесно“ (Мат. 5: 1). Бедни по дух се оние луѓе кои ги сознаваат своите гревови и плачат за својата грешна состојба. Ним им е ветена најголемата награда – Царството небесно. Но, сепак, на крај од овие наши барања стои една друга опасност, а тоа е - гордоста. Одамна е кажано: Гордоста е почеток на гревот, а злото е извор на гордоста. Неспособноста да ги согледаме своите прегрешенија може видливата и надворешна смиреност да ја претвори во гордост. Затоа светите оци укажуваат постојано да се пазиме и одвраќаме од лажното благочестие кое, в сушност, под прикриеното смирение и самоосудување може да нe’ одведе многу лесно во ѓаволска горделивост. Но кога ќе ги согледаме сопствените гревови и духовни слабости тогаш нема да го осудуваме нашиот ближен затоа што сите сме во грев и сите грешиме. Дали може грешник да му суди на грешник? Тоа никако. Ако дојдеме до такво сознание, а неопходно е да го достигнеме, тогаш целомудрието, смирението, трпението и љубовта ќе се соединат во нас и нашиот најголем непријател – ѓаволот ќе биде поразен. Во овие три прозби од оваа молитва содржан е целиот морален закон на Црквата. Затоа оваа молитва е толку значајна за нас христијаните особено сега во време на Великиот пост. Амин.
Пишува: прота-ставрофор ИЛИЈА ДОНЕВ
|