Насловна arrow Православие arrow Современи Автори arrow Етичките проблеми на новите "технологии на зачнување" (вештачкото оплодување)

 
Етичките проблеми на новите "технологии на зачнување" (вештачкото оплодување) Отпечати
Оцени ја статијата: / 5
ЛошоНајдобро 
Tuesday, 16 February 2010

Active ImageТвоите раце ме создале и ме оформиле... Сети се дека како глина си ме замешал... Нели Ти ме излеа како млеко, и ме згусти како сирење? Со кожа и плот ме облече, со коски и жили ме стегна, живот и милост ми дарува, и Твојата грижа го чуваше духот мој? (Јов, 10: 8-12). Дека е ова "позначајно" собитие ни разоткрива воскликнувањето на Ева кога и се раѓа првенецот: Придобив човек од Господа (1.Мој., 4: 1).


Либералната позиција и законите

Светогледниот контекст на "новите технологии на зачнување" е определен од либералната идеологија со нејзините виши вредности на "правата и слободите" на човекот и со материјалистичката основа.
Основниот принцип на либералната позиција во однос на вештачкото оплодување  е "правото на секоја жена да има дете". Или, како што констатирала д-р Шорохова во 1925 г.: "Мајчинската среќа е неотуѓиво право на секоја жена ." Мотивацијата на ова право либералната идеологија го бара во природно-биолошката функција на раѓање деца. Врз методите на вештачкото оплодување на определен начин влијае и материјалистичкиот светогледен принцип според кој човекот не се сфаќа како "образ и подобие Божје", ами како образ и подобие на мајмунот. Во согласност токму со овој принцип, во 20-тите г. во Русија на иницијатива на И.Иванов, професор по експериментална зоотехника, и со одобрение на Совнаркомот на СССР (Советот на народните комесари), почнале да се спроведуваат практични опити за добивање "новохибриден човек" преку вкрстување луѓе со антропоморфни мајмуни. Пренесувањето на позитивниот опит од зоотехниката и ветерината врз "човечкиот модел" е факт на емпириската наука. Д-р Шорохова пишува: "Жената не претставува исклучок од општото правило за сиот животински свет во однос на можноста да зачне со вештачко оплодување ." А експерименталната потрага по оптимална "културна средина" за вештачко оплодување човечки овули го довела Р.Едвардс до следниов заклучок: "Сосема е јасно дека оплодувањето човечки овули изискува услови слични на оние што се неопходни за јајцата на глушецот ."
Сведувањето на редица емпириски факти од различни организациски нивоа на животот кон општи закономерности е неспорно достигнување на емпириската наука. Но за човечката култура не значи ништо ако само се сознае или се констатира некој факт или општ закон на конкретната наука. Вл. Соловјов со право сметал дека "ваквата наука не може да има непосреден однос кон ниедно живо прашање ниту кон некаква виша цел на човечката стварност, па затоа нејзината претензија да му дава на животот идеална содржина може да биде само комична ."
Пример за една ваква "претензија" претставува прашањето на д-р Шорохова: "Има ли причина да ги лишиме од вештачко оплодување жените што сакаат да имаат дете на бесполов начин?  " Природно е дека ако се нашите размислувања ориентирани кон емпириската наука - нема причина. Според тоа, отворен е премин од едно, поконкретно и пониско, ниво на набљудување на животот кон друго - социјално и морално.
Првиот став на членот 35 "Вештачкото оплодување и имплантирањето ембриони" и на "Основите на законодавството на Руската Федерација за заштита на здравјето на граѓаните" (1993 г.) гласи: "Секоја полнолетна жена на репродуктивна возраст има право на вештачко оплодување и на имплантација на ембрион ." Зад ова "секоја" и зад со ништо неограниченото (дури ни со медицински индикации, а за морално-етичките и да не зборуваме) "има право" се кријат низа возможни непредвидливи промени на социјалните и на половите улоги во човечките односи.
За што станува збор? Прво, за посредна поддршка на инвертираните лица (на машкиот и женскиот хомосексуализам). Второ, за морално мошне проблематичната перспектива за воспитание на децата во нецелосни семејства. Трето, за можни деформации на институцијата семејство во правец на зголемување на нецелосните семејства и за реален пораст на бројот на децата родени вонбрачно. Четврто, за неизбежни промени на моралната свест поради обезвреднувањето на вредностите како "љубовта", "братството", "алтруизмот", "милосрдието" и др. слични поими што произлегуваат од биофизиолошката "плот" на меѓучовечките односи. О. Хаксли во својот роман-антиутопија "Чудесниот нов свет" ги развива до логична граница можностите и последиците на вештачкото оплодување кое станало законодавна норма на "Светската Држава". Семејството, мајчинството и моногамијата овде се забранети и се сметаат за извор на силни и непожелни емоционални премрежија и душевна болка и, како резултат на тоа, на севозможни болести. Местото на "љубовта" во вредносната хиерархија на ова општество го зазема поимот "заемно ползување", со кој се затврдува презирот кон човечкото достоинство и негирањето на личната слобода .
Сто години поминуваат од законската забрана за вештачко оплодување (1883 г., Франција) до неговото законско признавање, посебно во Русија. Шеесет години поминуваат од утописката вредност "заемно ползување" (романот на Хаксли е објавен во 1932 г.) до појавата на обострано корисниот пазар на полови клетки, донаторство, нарачани породувања. Новиот тип меѓународен бизнис - "зачеточен" или "репродуктивен" - сé повеќе се шири во Европа. Рекламирањето на фирмите што се занимаваат со ваква практика, на пример "Полско-холандското контактно биро" во кое се укажува цената на сурогат-мајчинството - 22,5 илјади долари, станува типично и за руските медиуми . Колку години ќе бидат потребни за "терапијата на неплодноста" целосно да се издигне на ниво на социјално-морален принцип за "асексуално размножување" или за "техногено" раѓање деца?

Конзервативната  позиција

Вл.Соловјов, кој практично пред 100 години ја предвидел технолошката експанзија ("апсолутизмот на емпириската наука"), вели: "Ова може да се избегне само ако се признае над човекот и надворешната природа еден друг, безусловен, божествен свет, бескрајно постварен, побогат и пожив од овој свет на призрачни површни појави, и ова признавање е толку природно бидејќи самиот човек од искони му припаѓа на тој виш свет, и сматниот спомен на него вака или инаку се зачувува кај секого кој уште не го изгубил сосем човечкото достоинство ."
Денес на руската јавност ñ е предочена конкретна оцена на вештачкото оплодување од христијанска, православна гледна точка. Оваа оцена се формира во границите на темелните постулати на христијанството. Еден од нив е таинството на бракот преку кое "се дава објективна божествена основа за благодатен живот ." Со брачното таинство мажот и жената веќе не се двајца, а едно тело (Мат., 19: 6). И ова е тајна, тајна голема (Ефес., 5: 32). Осветувањето на врската меѓу мажот и жената е опишано во Првата книга Мојсеева "Битие": И ги благослови Бог, и им рече: ,Плодете се, и множете се' (1. Мој., 1: 28). Благословувањето да се раѓаат деца пророците вака го опишуваат: Зашто Ти си ја создал мојата внатрешност и ме прифати од мајчината ми утроба, Ниедна моја коска не се сокри од Тебе, што си ја создал тајно, и природата моја во длабините на земјата (Псал., 138: 13, 15). Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сé е запишано за мене, дури и деновите мои се забележани кога уште не постоеше ниеден (Псал., 138: 16).
Кога го опишуваат таинството на создавањето на човекот, пророците употребуваат физиолошки поими и претстави. Истовремено тие говорат за собитие што е секогаш покрупно и позначајно отколку неговата физиолошка подлога. Така, во Книга Јов може да прочитаме: Твоите раце ме создале и ме оформиле... Сети се дека како глина си ме замешал... Нели Ти ме излеа како млеко, и ме згусти како сирење? Со кожа и плот ме облече, со коски и жили ме стегна, живот и милост ми дарува, и Твојата грижа го чуваше духот мој? (Јов, 10: 8-12). Дека е ова "позначајно" собитие ни разоткрива воскликнувањето на Ева кога и се раѓа првенецот: Придобив човек од Господа (1.Мој., 4: 1). Овие зборови сведочат за вистинската втемеленост на тварните суштества, за нивното "обожување со дејството на Божествените енергии". Овој израз го употребува В.Н.Лоски за да го опише присуството на Светиот Дух во светот наведувајќи го тврдењето на Св.Максим Исповедник: "Светиот Дух присуствува во сите луѓе без исклучок, како чувар на сите нешта и оживотворител на природните творби, но Он присуствува, пред сé во оние што го почитуваат Законот, укажувајќи на прекршувањето на заповедите и сведочејќи за Лицето на Христа... Зашто сите што не ја исполнуваат волјата Божја имаат срце неразумно ."
Овие христијански "слова", судови и тврдења се длабоко симболични. А.Ф.Лосев смета дека религиозната симболика, која е теоретска конструкција, во својата основа не е теориска "ниту во научна ниту во философска ниту во уметничка смисла на зборот", туку е секогаш "соодветно устројство на човечкиот живот на сите негови бескрајни развојни патишта ."
Токму "затоа начините за раѓање деца кои не се во согласност со замислата на Творецот на животот, Црквата не може да ги смета за морално оправдани. Ако мажот или жената не се способни да зачнат дете, а терапевтските и хируршките методи на лекување на неплодноста не им помагаат, тогаш треба со смирение да ја прифатат својата бездетност како особен животен призив ."
Во 1999 г. Црковно-општествениот совет по биомедицинска етика донесе Изјава "За моралните проблеми во врска со развојот на новите репродуктивни технологии":
"Современата медицинска наука располага со нови средства за технолошко посредство во процесот на настанувањето на човечкиот живот, кои се нарекуваат нови (помошни) репродуктивни технологии. Применувањето на овие методи овозможува да се надмине проблемот на неплодноста, но истовремено претставува закана за физичкото здравје и за духовниот интегритет на човекот, како и за запазувањето на моралните принципи на општеството.
Голем развој доживува практиката на анонимно "донаторство" на полови клетки, со која мајките и татковците се ослободуваат од секакви обврски во однос на децата кои се "плот од нивната плот". Се распространува давањето услуги на "сурогат-мајка", која според условите на договорот се обврзува веднаш да се раздели од бебето што ќе го роди. Новите методи изискуваат уништување на "прекубројните" или на "бесперспективните" човечки ембриони, или нивна криоконзервација заради подоцнежна примена за истражувачки, медицински или комерцијални цели. Применувањето на новите технологии ја изнедри соблазната зачнатиот живот да се третира како продукт што може да се избира според сопствените желби и склоности и со кој може да се располага исто како со другите продукти на човечката дејност. Човечкиот живот станува предмет на купопродажба.
Сметајќи ја за своја должност заштитата на моралните вредности на христијанството, неопходно е да го изјавиме следново:
1. Раѓањето деца е една од основните, но не и единствената цел на брачните односи кои се темелат врз доживотна и целосна верност на мажот и жената соединети во љубовна заедница благословена од Бога. Молејќи за сопрузите во молитвите на браковенчанието дар на целомудрие и "плод од утробата на полза", Православната Црква не може да ги смета за морално оправдани оние начини за раѓање деца што предизвикуваат нарушување на достоинството на богоподобната човечка личност, а и на интегритетот на сопружничките односи, кој не смее да подразбира мешање на трета страна. Според мислењето на повеќемина православни научници и богослови, може да се смета за допустлива вештачката инсеминација со полови клетки од сопругот, зашто таа не би го нарушила интегритетот на брачната заедница. Притоа темел на оваа заедница останува должноста сопрузите што се сакаат - да се прифатат еден со друг и со недостатоците што ги имаат.
2. Донирањето полови клетки ги подрива семејните односи зашто детето во овој случај има "генетски" родители на кои им се спротивставени "социјалните" родители. За разлика од благородното по своите мотиви посвојување деца кои се веќе лишени од "генетските родители", кога помајката и потаткото им ја надоместуваат љубовта и родителската грижа, ваквата практика, напротив, го поттикнува анонимното татковство или мајчинство што е несомнено ослободено од секакви обврски во однос на своите "генетски" деца. Треба да се знае и тоа дека анонимноста на донаторството отвора можност за ненамерен инцест.
3. "Сурогат-мајчинството" (носење на оплодената јајцеклетка од страна на жена која по породувањето им го дава детето на "генетските родители") дури и во случаите кога не е побудено од комерцијални мотиви, е противприродно и морално недопустливо. Нанесувајќи ñ трауми и на мајката што го носи плодот и на детето, овој метод ја пренебрегнува длабоката емоционална и духовна блискост што се воспоставува меѓу мајката и бебето за време на бременоста и провоцира криза на идентитетот кај детето (која мајка му е вистинската?).
4. Од православна гледна точка, сите варијанти на вонтелесно оплодување кои подразбираат претходно подготвување, конзервација и намерно уништување на "излишните ембриони" се морално недопустливи зашто човечкиот ембрион се признава за носител на човечко достоинство. Повеќето научници и богослови денес се согласуваат дека оформувањето на ембрионот претставува почеток на животот и е поврзано со фундаменталното право на човечката личност да не биде "биолошки објект" за севозможни експерименти.
5. Неморално е и лишувањето од живот на зачнато човечко суштество од причина што на родителите не им се допаѓа неговиот пол или поради присуство на вроден недостаток (болест).
6. Реализацијата на "репродуктивните права" на немажени жени со ползување сперма од донатор му го одзема правото на идното дете да има татко. Применувањето на репродуктивните технологии за да им се обезбедат истите "репродуктивни права" на лицата со "нестандардна сексуална ориентација" неизбежно доведува до уривање на традиционалните форми на семејните односи.
7. Не смее да се заборави и тоа дека применувањето на репродуктивните технологии ја содржи опасноста од појава на онколошки заболувања кај жените (како последица од хормоналната хиперстимулација на овулацијата) и чести нарушувања на здравјето на децата зачнати на ваков начин.
Чувствувајќи длабока вознемиреност поради овие тенденции, сметаме за наша должност да предупредиме за опасностите што го демнат општеството како последица од изопачувањето на општоприфатените морални норми кои се наоѓаат во основата на неговиот живот. Бидејќи не сме противници на развојот на науката и на применувањето на нејзините достигнувања за доброто на луѓето, напоменуваме дека е неопходно трезвено и одговорно да се води сметка за етичките последици од воведувањето на новите технологии."
Позицијата на Римокатоличката црква е изразена во официјалните документи, во информативните билтени на Папската курија, во говорите и обраќањата на папата Пиј XII, во документите на Вториот Ватикански Собор и сл. Методите на вештачкото оплодување Католичката црква ги осудува, тргнувајќи од традиционалното, за моралната теологија, поимање на природниот закон.
Истрајната конзервативност на христијанската позиција се коси со динамичната променливост на либерализмот. Во либералната идеологија, по правило, "природните основи - во овој случај природно-биолошката функција на раѓање деца - се претвораат во социјално-морални вредности и правни норми (таканаречени "репродуктивни права", "право на секоја жена да има дете"). Но овие "права" во рамките на либерализмот се остваруваат со борба против својата сопствена "природна основа", со "победа над природата", т.е. со противприродно "ослободување на човекот" од неговите сопствени природни својства и, на крајот на краиштата, од самиот себеси. "Ова можеше да се случи само поради способноста на човекот да се самоопределува... што му дава можност да дејствува и да посакува не само сообразно на своите природни склоности, туку и спротивно на  својата природна даденост, која тој може да ја изопачи, да ја направи "противприродна". Паѓањето на човечката природа е непосредна последица од слободното самоопределување на човекот ." Но "слободното самоопределување на човекот" е позиција поблиска на духот на XVIII или на XIX век отколку на XXI на кој му претходеше XX век, со сите негови атомски експерименти и катастрофи, социјално-политички драми, нихилистичко искуство и еколошко освестување.


Извадок од делото: "Биоетиката во Русија: вредности и закони" од д-р Ирина В. Силујанова

превод од руски јазик:
Ирена Кепеска


друго:

Биоетиката и моралната антропологија на Православието

Лекувањето како активно пројавување на праведноста










 
                                                                                                                                                                                                      

Коментари
Додади ново Пребарај
Напиши коментар
Име:
Email:
 
Наслов:
UBB Код:
[b] [i] [u] [url] [quote] [code] [img] 
 
Ве молиме внесете го anti-spam кодот кој го гледате.

3.20 Copyright (C) 2007 Alain Georgette / Copyright (C) 2006 Frantisek Hliva. All rights reserved."

 

A Name is a name

Св. Трифун
 

Беседи

СВАДБАТА ВО КАНА (Јн. 2, 1-11)

Свадбата во Кана Галилејска е уште едно евангелско собитие, возљубени браќа и сестри, во кое символички е изобразен целиот Домострој на спасението. Човечката историја ни се открива како...
Повеќе

Духовни Текстови

ВЕЛИКОПОСНАТА МОЛИТВА НА СВЕТИ ЕФРЕМ СИРИН

Господи и Владико на мојот живот, не давај ми дух на мрзливост, безволност, властољубие и празнословие. Даруј ми, пак, на на Твој слуга, Дух на целомудреност, смиреност, трпение и љубов.Еј,...
Повеќе

Литургија по Литургијата

(Беседа за милостивиот Самарјанин, Лука 10, 25-37) Некое девојче, кое завршило обука за прва помош, во една прилика целото радосно, величајќи се себеси, вели: „Толку се радувам што синоќа пред...
Повеќе

Современи Автори

Етичките проблеми на новите "технологии на зачнување" (вештачкото оплодување)

article thumbnailТвоите раце ме создале и ме оформиле... Сети се дека како глина си ме замешал... Нели Ти ме излеа како млеко, и ме згусти како сирење? Со кожа и плот ме облече, со коски и жили ме стегна, живот и...
Повеќе

Написи

Митрополит Методиј - ЦРКВАТА И МЛАДИТЕ

Поттикнати од вродената наклоност кон историскиот оптимизам често правиме проекции на својата благочестива надеж за опстојување на Црквата сé до исполнувањето на времето. До светата...
Повеќе

Вера и Живот

Џејсон Мико - БОЖИЌ, ПРВ ДЕЛ

За поголем дел од христијанскиот свет утре е Божиќ. Знам дека Божиќ го славите за две недели и токму поради тоа оваа колумна и наредните две ќе се фокусираат на Божиќ и на Нова година - нешто...
Повеќе

КОЈ ВИ Е ПРЕТСЕДАТЕЛ ВО ЦРКВАТА?

Неодамна, извршувајќи ја својата парохиска должност по повод домашна слава, бев  во домот на едно православно семејство. По завршувањето на чинот – водосвет и режење на славскиот лебк, по...
Повеќе


Со Смрт, Смртта си ја згазил
Денес живееме во култура која ја одрекува смртта. Ова многу јасно се гледа ако погледнеме на било кое обично погребно претпријатие, кое се обидува да изгледа како и сите останати фирми...
Денот кога умре смртта
Според логосот на хроничната недоверба со која европејскиот син ја консумира стварноста громаден камен на сопнување е фактот на Христовото воскреснување...
Окото на Духот
Со благослов Божји, во радост пасхална, ја поминуваме и шестата седмица од великата Педесетница. Во овој ден Црквата Божја нè соочува со животната судбина на чудесниот евангелски јунак – слепородениот...
Колбе: „Сите сме Егејци“
Се разбира првото мое дело што го објавив 1999 година „Егејци“ беше еден голем филозофски есеј или есеистички роман, како што тоа се нарекува. Таа книга има и многу политички потенцијал, јас таму не само што за првпат ...
Статии на Велик Петок - CD и книга
Преводот и препевот од црковнословенски јазик, како и дизајнот ги направи митрополитот Американско-канадски Методиј, а музичката изведба е на хорот “Јустинијана Прима“...
 JoomlaWatch Stats 1.2.0