Митрополит
Беседи и Обраќања
ВО РАДОСТА НА ВОСКРЕСЕНИЕТО | ВО РАДОСТА НА ВОСКРЕСЕНИЕТО |
|
| Sunday, 04 April 2010 | |
|
Тие што дојдоа пред утрото со Марија и го најдоа каменот од гробот поместен, од Ангелот слушнаа: - Зошто Оној, Кој е во вечната светлина, меѓу мртвите како човек Го барате? Видете ги гробните повои; итајте и на светот кажете му, дека воскресна Господ, Кој смртта ја умртви; зашто е Син Божји, Спасител на родот човечки! Пасхален Канон, Ипакој, глас 4-ти. (Мт. 28, 1-15; Мк. 16, 1-8; Лк. 24, 1-11; Јн. 20, 1-18) Во светлината на воскресенското празнување ни се открива сета љубов на Спасителот кон човекот и светот. Таа љубов е втемелена на чудесното воплотување на Оној, Кој предвечно се раѓа од Отецот Небесен. Таа љубов суштински ги преобразува содржините на нашиот личен духовен подвиг преку Христовото крсно страдание и смрт. Таа љубов заблескува преку преславното воскресение во кое адот е поразен и смртта е уништена. Каде ти е смрт осилото!!! Каде ти е аду победата!!! Со своето тридневно снисходење во адот, Господ ја повика сета смртна природа кон бесмртност, та она што умира по природа, да воскресне во благодатта на Оној, Кој се даде Себеси на доброволно истоштение за да ја победи со Себе трагичната состојба на огревовениот човек. Христос, Новиот Адам, му ја подава раката на спасението на праотецот Адам, избавувајќи го потомството негово од прангите на гревовната агонија, што се протега низ целата историја на времето. Новиот ден, пак, денот на воскресението, затоа не му припаѓа на овој век, туку е незалезен осми ден, икона на полнотата на божјото беспочетно постоење. Во неделното утро, уште пред да изгрее сонцето, трисолнечната божествена светлина му заблеска на светот. Тоа не е светлината на материјалното сонце, туку светлината на вечната вистина дека Господ ја победи адската темнина. Во утрото, првото од седмицата, како што сведочи Евангелието, неизвесноста во која поитаа жените мироносици се разобличи со вистинитоста на воскресението. Спасителот Самиот ги изврши сите нешта во надумното собитие. Човек не ги распечати печатите на фарисејското неверие и лукавство. Човечка сила не го помести каменот. Оној што лежеше во гробот не беше однесен на човечки раце. Војниците што стражареа на гробот не ги порази накажано тело од мртов човек. За сето тоа посведочија тие што први доитаа на гробот Христов. Жените мироносици носејќи скапоцени благомириси и Апостолите Петар и Јован го видоа местото каде што беше положено телото на Учителот. Гробните повои и убрусот што го покриваше лицето Христово беа свиткани и ставени одделно. Тоа покажува дека она што се случило со телото не било набрзина и насилно. Марија, благочестивата мироносица, зборуваше со ангели во светла облека кои го чуваа гробот и сведочеа за воскресението: Зошто Го барате живиот меѓу мртвите? - велеа тие. Зошто плачете, кога она што стана е најрадосното нешто за сета твар? Господ Исус Христос дојде смирено во овој метежен свет. Живееше кротко и пострада трпеливо. Дури и Неговото чудесно и тридневно воскресение остави зад себе ред и спокојство. Спокојство за тие што поверуваа, а неспокој и сомнеж до крајот на времето за оние што одречуваат. Преку овие едноставни детали од првите сведоштва на апостолите и учениците ни се открива големата тајна на божјото провидение. Кога благоволи Тој, Бог Кој е Бог на мирот, Бог Кој е Бог на поредокот, се надминуваат законите на природата, но поредокот и мирот не се нарушуваат. Затоа велиме дека Христовото воскресение е празник победител на она што гревот го наруши, она што гревот го претвори во безредие и несовршенство. Бестелесните служители божји, пак, светлоликите ангели коишто бдееја над гробното место, ја успокојуваат човечката зачуденост, пак и пак, со прашањето: Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? Он не е овде, а воскресна; сетете се како ви рече, кога беше уште во Галилеја, говорејќи, дека Синот Човечки треба да биде предаден на луѓе грешници и да биде распнат, и на третиот ден да воскресне. Овој ангелски глас, оваа небесна поука, ги потсети Господовите ученици и следбеници, а нé потсетува и нас денес, за она што многупати го кажа Спасителот, зборувајќи за Своето страдание, за распетието, за смртта и за тридневното воскресение. Таговната радост на божествената жртва на Агнецот, Кој доброволно се предаде Себеси на заколение, ни открива дека ништо не завршува на Крстот, дека ништо не завршува со телесната смрт. Спасителот неа ја преобрази во светлозарна Пасха, Премин, кон вечниот и блажен живот во прегратките на Бог Троица. И не само тоа. Христовото воскресение не е само лична Пасха на Оној, Кој се облече во тело и стана вистински Човек, останувајќи вистински Бог, низ витлеемското рождество. Благоволејќи да биде сé, во сé првенствувајќи, како Создател на сета твар, Господ му направи пат на секое човечко суштество кон воскресение. И имено тоа е нашиот најскапоцен воскресенски дар од Бога. Со своето победоносно воскресение Спасителот нé повика да учествуваме во благодатта на вечниот и незалезен живот преку личното воскресение. Христос пострада на крстот за нас да нé избави од гревовното страдање. Христос слезе во адот за нас да нé откупи со Својата крв. Христос воскресна за и ние да воскреснеме. Јас сум Патот, Вистината и Животот, - вели Господ. Патот кон вечното постоење низ воскресенската победа над смртта. Вистината која го ослободува секој човек што и се предава на волјата Божја и воскреснува од мртвилото на гревот. И Живот со кој и за кој Господ нé откупи од ропството на пропадливоста. Од овие три неслични подобија со кои се поистоветува Спасителот како златозарна рајска светлина, ни изгрева тајната на воскресението, повикот на празничната радост: Христос воскресна, да воскреснеме и ние! Ангелските чинови достојно се радуваат, да се зарадуваме и ние! Новиот ден се раѓа, незалезниот ден на воскресението, да се облечеме во празничната светлина на новиот и обновен живот, зашто Христовата победа ни ги отвора рајските порти! Христос воскресна!!! Навистина воскресна!!! Митрополит Методиј Златанов (Извадок од зборникот со егзегетски беседи “Каскади“, издавачки центар ТРИ, Скопје, 2009.) |
| СВАДБАТА ВО КАНА (Јн. 2, 1-11)Свадбата во Кана Галилејска е уште едно евангелско собитие, возљубени браќа и сестри, во кое символички е изобразен целиот Домострој на спасението. Човечката историја ни се открива како... Повеќе |
| ВЕЛИКОПОСНАТА МОЛИТВА НА СВЕТИ ЕФРЕМ СИРИНГосподи и Владико на мојот живот, не давај ми дух на мрзливост, безволност, властољубие и празнословие. Даруј ми, пак, на на Твој слуга, Дух на целомудреност, смиреност, трпение и љубов.Еј,... Повеќе |
| Литургија по Литургијата(Беседа за милостивиот Самарјанин, Лука 10, 25-37)
Некое девојче, кое завршило обука за прва помош, во една прилика целото радосно, величајќи се себеси, вели: „Толку се радувам што синоќа пред... Повеќе |
| Етичките проблеми на новите "технологии на зачнување" (вештачкото оплодување) Повеќе |
| Митрополит Методиј - ЦРКВАТА И МЛАДИТЕ Поттикнати од вродената наклоност кон историскиот оптимизам често правиме проекции на својата благочестива надеж за опстојување на Црквата сé до исполнувањето на времето. До светата... Повеќе |
| Џејсон Мико - БОЖИЌ, ПРВ ДЕЛ За поголем дел од христијанскиот свет утре е Божиќ. Знам дека Божиќ го славите за две недели и токму поради тоа оваа колумна и наредните две ќе се фокусираат на Божиќ и на Нова година - нешто... Повеќе |
| КОЈ ВИ Е ПРЕТСЕДАТЕЛ ВО ЦРКВАТА?Неодамна, извршувајќи ја својата парохиска должност по повод домашна слава, бев во домот на едно православно семејство. По завршувањето на чинот – водосвет и режење на славскиот лебк, по... Повеќе |
|
Со Смрт, Смртта си ја згазил Денес живееме во култура која ја одрекува смртта. Ова многу јасно се гледа ако погледнеме на било кое обично погребно претпријатие, кое се обидува да изгледа како и сите останати фирми... |
|
Денот кога умре смртта Според логосот на хроничната недоверба со која европејскиот син ја консумира стварноста громаден камен на сопнување е фактот на Христовото воскреснување... |
| Окото на Духот Со благослов Божји, во радост пасхална, ја поминуваме и шестата седмица од великата Педесетница. Во овој ден Црквата Божја нè соочува со животната судбина на чудесниот евангелски јунак – слепородениот... |
| Колбе: „Сите сме Егејци“ Се разбира првото мое дело што го објавив 1999 година „Егејци“ беше еден голем филозофски есеј или есеистички роман, како што тоа се нарекува. Таа книга има и многу политички потенцијал, јас таму не само што за првпат ... |
| Статии на Велик Петок - CD и книга Преводот и препевот од црковнословенски јазик, како и дизајнот ги направи митрополитот Американско-канадски Методиј, а музичката изведба е на хорот “Јустинијана Прима“... |